Исповед на еден учесник во револуцијата инф

Испратено од Moonman во 2 Април, 2001 - 03:20.
::
Секакви
Денес, ништо не можам без gif-ови, Java аплети, виртуелни конференции, без, секако, неизбежни реклами, и се разбира милиони пораки по електронска пошта. Ако еден ден не се појавам на работа, обично ми треба околу половина час за да ги симнам сите пораки кои во меѓувреме пристигнале. Застрашувачки! Барем да знам кои од нив се полни со реклами за да немора да проверувам пред да ги избришам... Излегување на крај Сепак, чинам дека вмрежувањето ми е дојдено преку глава. Еве вчера забележав една колешка како во своето „слободно“ време на IRC разговара со некоја познаничка за заемните впечатоци од шопингот направен претходниот ден... или можеби стануваше збор за... не се сеќавам баш... о да... а десетина минути подоцна и јас стигнав на ред. Требаше да го завршиме пишувањето на практикумот кој студентите ќе го користат во текот на следниот семестар. Секако и во оваа работа се „заплеткавме во мрежата“, всушност се потрудивме да најдеме решенија за некои од двојбите кој ги имавме. И најдовме, но покрај малкуте корисни и мнооогу некорисни информации. Како и да е, јас му завидувам на мојот пријател од Битола, кој си уште кореспонденцијата со мене ја врши со писма. Тој смета дека ако пораките ги испраќа по телефакс, неговиот ракопис нема да може да дојде до израз. Романтика Си спомнувам, во средината на осумдесетите, кога навлегував во тајните на информатичката технологија (читај: Интензивно ги играв сите продолженија на легендарната Boulder Dash, на уште полегендарниот Commodore 64), сон ми беше да дојдам до модем за да можам да се поврзам на некој од малкуте постоечки BBS сервиси во некогашна Југославија-да добијам нешто повеќе од 64-те килобајти меморија кои ми беа на располагање, но затоа пред околу две години зажалив што нашиот факултет е поврзан на Интернет, зашто дознав дека во Medline (online верзија на реферативното списание Index Medicus во кое се пренесуваат податоци од областа на медицината и сродните науки) може да се пребарува преку Интернет, а јас потрошив две недели во нашата библиотека пребарувајќи за мојата магистерска. Тоа беше период во кој сe уште не носев очила. Современост Да, така тоа беше во средината на осумдесетите и во деведесетите години (се уште) од овој век. Денес размислувам како да ги осовременам вежбите по Инструментална анализа и Извори и користење на хемиски информации, користејќи ги можностите кои мрежата ги нуди, кога веќе до гуша сум заплеткан во неа. Навистина, информатичката револуција вклучува многу повеќе од само Интернет, но јас од еден нејзин дел намерно апстинирам. Како и да е, тоа е една од работите кои во последниве петнаесетина години се променува кон подобро... или можеби само кон побрзо. Автор: Moonman