Nautilus како FTP, SSH и Samba клиент

Испратено од Арангел во 12 Мај, 2006 - 11:50.
::
Упатства

Менаџерот за датотеки Nautilus е една од најважните и најкористените апликации во работната околина GNOME. Nautilus го користиме за копирање, бришење, реименување и креирање на датотеки и папки на датотечниот систем. Она што можеби не сте го знаеле е дека истата апликација можете многу брзо и едноставно да ја претворите во FTP, SSH или Samba клиент преку кој што многу побрзо и поедноставно ќе можете да ги подигнете вашите датотеки на одредена локација.

Се што ни е потребно истово да работи се Nautilus и gnome-keyring-manager. Gnome-keyring-manager е компонента на GNOME која што ги памти сите ваши лозинки за сите мрежни врски. Значи доколку креирате некоја врска до некој сервер, без разлика дали користите FTP, SSH, Samba или NFS, gnome-keyring-menager ќе ве праша дали сакате да ја зачувате лозинката во приврзокот за лозинки и потоа исто така ќе ве праша дали сакате да поставите лозинка на приврзокот односно на самиот gnome-keyring-manger. Ова е доста корисна опција бидејќи откако еднаш ќе ги внесете лозинките до серверите на кои што се закачувате почесто, нема потреба да ги памтите сите лозинки, доволно е да запамтите само една која што ќе ви дозволи пристап до сите надворешни дестинации.

Епа ајде да почнеме. Прво што треба да направите е да креирате врска. Затоа одиме во „Места > Поврзи се со сервер...“ (во конкретниов пример ќе работиме со протоколот FTP).

Во прозорецот што ќе ви се отвори изберете „Тип на сервис - FTP (со најава)“, доколку сакате да се закачите на некој сервер кој што дозволува анонимно најавување, типот на сервис можете да го оставите на „Јавен FTP“. Внесете адреса и име за врската во овој случај адресата е www.linux.net.mk а името linux.net.mk. Паметно би било да внесете и корисничко име. Дополнителните полиња „Порта“ и „Папка“ не се потребни доколку FTP серверот ја користи стандардната порта 21 и доколку не сакате директно да пристапите на некој одреден директориум на серверот (Ако имате потреба да ги внесете и овие две полиња сигурен сум дека ќе се снајдете).

Внесовме се? Кликаме „Врзи се“.

Се појавува дијалог од gnome-keyring-manager кој што не прашува дали сакаме да ја зачуваме лозинката во приврзокот и потоа ни нуди да внесеме глобална лозинка за приврзокот (онаа што ќе ни биде потребна да пристапиме на било која врска понатаму).

На работната површина ќе се појави папка со името на врската која што од прилика ќе изгледа вака:



Кликнете врз папката и пред вас ќе се појави содржината на вашата FTP сметка. Тоа е тоа што се однесува до конфигурирањето на Nautilus со gnome-keyring-manager.

Исто како што можете да го користите било кој FTP клиент за уредување на одредени датотеки, истото можете да го правите и со Nautilus. Најдете некоја текстуална датотека кликнете десен клик врз неа, изберете „Отвори со > Уредувач за текст“ и нејзината содржина за неколку секунди ќе се појави во Gedit. Направете ги сите промени и исклучете го јазичето во Gedit и ќе бидете запрашани да зачувате. Кликнете „Зачувај“ и во Gedit ќе ви се појави лента за прогрес на која што ќе се прикаже подигнување на датотеката назад на серверот.

Иако во конкретниов случај работевме само со FTP, процедурата за воспоставување на било каква друга врска е сосема иста. Се што треба да смените е типот на сервис и другото е исто.