Лек за секојдневните фрустрации - OpenOffice Writer

Испратено од Riste Pejov во 30 Јуни, 2004 - 19:14.
::
Прегледи
Незнам колкумина се запрашале што е првото нешто што асоцира на персонален сметач, но сигурен сум дека одговорот лежи во подготовката на документи, табеларни пресметки, презентации, и секако интернет. За некого поимот персонален сметач е тесно поврзан со Микрософт Виндоус и како на сите нас добро познатиот Микрософт Ворд. Сепак сите ние имаме слобода да користиме каква сакаме апликација за подготовка на нашите документи, презентации, веб страни и слично. Главниот проблем за најголем дел од корисниците на персоналните сметачи е непознавањето на англискиот јазик, кој мора да се познава за да можете да ја зголемите својата продуктивност и да го намалите времето потрошено во подготвување на горе споменатите документи. На општо разочарување, Виндоус оперативниот систем не е предвиден да го услужува корисникот на македонски јазик, а уште помалку за тоа е способен Ворд или Ексел. Замислете само колку ќе се израдува вашиот пријател кој мака мачи со англиските поими во Микрософт Ворд, кога ќе му прикажете софтвер на Македонски, кој е способен да направи се што може Ворд или Ексел а можеби и повеќе. Таков софтвер веќе постои и го носи името Опен Офис, што во слободен превод би било Отворена Канцеларија. Главниот адут на оваа Отворена Канцеларија на Македонски се вика Writer, кој ние ќе си го преведеме како Писател. Нашиот Писател без проблеми говори Македонски, и сигурен сум дека нема да имате проблеми со неговото користење. Изгледот е по сите стандарди како треба да изгледа една современа апликација, а способостите му се далеку поголеми одколку што можеби очекувате. Главната предност лежи во тоа што без никакви промени ќе можете да ги читате до сега изработени документи во Ворд или Ексел, а новите документи истотака ќе може да се користат во соодветните апликации од Микрософт Офис пакетот за канцелариско работење. Доколку успеав да го привлечам вашето внимание, причекајте да ви ја претставам Отворената Канцеларија во полно светло, со сите своите предности и маани. На прво место ја имам честа да ви претставам Писателот на Отворената Канцеларија, или на Англиски Опен Офис Writer. Оваа апликација ќе ви помогне во изработката на документи од секаков тип, и тоа ќе ви понуди најразлични видови на форматирање на текстот. Доколку сакате да го споредите со Микрософт Ворд, тогаш можам да ви кажам дека без никакви проблеми нашиот писател може да го совлада Микрософтовиот Ворд во рингот, можеби не со технички нокаут, но сигурно ќе победи. Доколку сте искусен корисник на Микрософт Ворд, при првото користење на Опен Офис Writer, моето размислување ќе ви звучи малку претерано. Но сепак, не се откажувајте, сетете се на вашето прво искуство со Ворд. Сигурно сте имале голем број фрустрации, посебно со неговата навика да јави грешка кога не треба, или пак да ви ги наполни документите со некој тазе вирус. За сите оние кои кои немаат многу искуство со Ворд, и се на почеток искусувањето на фрустрации кои тој ви нуди, Писателот ќе го дожиеат како вистински спасител. За сите корисници кои се навикнати долги текстови напишани во различни стилови, нивно публикување на интернет, или пак припрема за печат, фактот дека Микрософт Ворд е далеку позади Опен Офис Writer во поглед на функионалноста, станува забележителна по кратко време. Верзијата 1.1 на Опен Офис, без никакви потешкотии ви нуди публикување на вашите документи во познатиот PDF формат, кој долго време беше привилегија на напредните корисници. Да се надеваме дека можеби во следната декада некој корисник на Микрософт Ворд ќе може да се пофали со овакви способности. Ако сакате да доживеете вистинско преродувње, обидете се да заборавите на форматирањето на текстот на ниво на параграфи и поединечни зборови. При првото стартување на Писателот од вашата Отворена Канцеларија посвете малку повеќе внимание на неговиот стилист. Стилистот ќе ви овозможи да ги примените саканите форматирања во вашиот документ без да пребарувате по менијата трошејќи време во барање на вистинскиот начин за постигнување на целта. Едноставно одберете го саканиот стил, притиснете за кантичката во горниот десен агол и применето го саканото форматирање на текстот. Покрај тоа што можете да примените разни видови на стилови, не сте ограничени на применување на истите само на праграфи, туку тоа можете да го примените на цели странии, графички објекти, рамки, листи. Изработката на нови стилови истотака е многу едноставна и вашите потреби за форматирање на документот може да ги зачувате за понатамошна употреба само со едно кликнување на глувчето. Со прошуравањето на стиловите, предностите на Опен Офис Writer стигнуваат до навистина високо ниво, за кое корисниците на Ворд можат само да сонуваат. Ниту еден уредувач на документи не може да се спореди со софистицираните апликации наменети за издаваштво, но кога би требал да изберам апликација за уредување на документи кои ќе се користат во таа област, секако би го одбрал Писателот од Отворената Канцеларија. Уште една голема предност на самиот Опен Офис пакет за канцелариско работење, е нативното работење со бази на податоци. Додека Микрософтовиот пакет ќе ви понуди решение во форма на нова апликација која треба да се научи, нашиот Писател веќе знае како да се справи различни извори на бази на податоци. Самиот ОпенОфис нуди подршка за ODBC, JDBC, dBase, Text, и други видови на бази на податоци, кои можете да ги користите во сите апликации од овој пакет. Ако во документот ви е потребна табела која е складирана во базите на вашата компанија, тогаш без проблеми можете истите податоци да ги сместите во каков било документ, од табеларни пресметки, до веб презентација. Цртежите во вашите документи одсекогаш биле ограничени на неколку предефинирани шаблони, доколку не користите некој напреден програм за цртање како Corel Draw. Моќните алатки за цртање на Опен Офис можат во голема мера да се споредат со основните можности која било апликација за векторска графика. Графиката е секојдневно присутна во текстовите што ги читаме, за да илустрира некоја постапка. Со графичките можности на Опен Офис, само ви е потребна добра имагинација и желба за илустрација, останатото препуштете му го на Опен Офис. Уредувањето на документите со помош на HTML форматот е во голема мера олеснето, поради присуството на посебни стилови достапни во Стилистот. Вашите документи ќе бидат 100% компатибилно со HTML стандардите, и слободно може да заборавите на проблемите со прикажување на документите со сосема различно форматирање кога ќе ги испратите на пријател. Кратенката за веб презентирање на десната лента ќе им се најде на сите напредни корисници, посебно можноста да се прикаже содржината на избраните бази на податоци по автоматизам. Понекогаш не е се така сјајно, Опен Офис како и секој друг софтверски пакет има и свои недостатоци, кои сигурен сум дека ќе ги забележите за кратко време. Најголем проблем е погрешното форматирање на документи изработени во Микрософт Ворд, како обратното. Во најголем број на случаи, Писателот од Отворената Канцеларија без проблеми ќе ги протолкува Ворд документите, но форматирање не е секогаш исто како и во Микрософтовиот уредувач. Сепак општата проценка е дека 90% од документите се интерпретираат точно, што е задоволително за скоро секој корисник. Брзината е истотака на страна на Ворд. Посебно кога се работи за персонални сметачи лимитирани со РАМ меморија, брзината на работа на Опен Офис не е на завидно ниво, што истотака можеме да ја вброиме во неговите маани. Проблеми понекогаш се јавуваат и при користењето на сметач со повеќе корисници, како Windows 2000 и Windows NT, при што е потребна мала интервернција за Опен Офис да може да се користи од страна на останатите корисници ма сметачот. Понекогаш предностите на Опен Офис не се само во достапните опции. Предностите лежат во нивната практична примена. Бројот на корисници кои си ги кинат нервите со автоматската нумерација во Микрософт Ворд се зголемува секој ден. Можеби во иднина психијатрите ќе поставуваат дијагноси од типот: Микрософт Офис Фобија. Воопшто да не споменуваме мешањето на нумерирани и номални параграфи, или пак нуменирани параграфи во комбинација со точки. Автоматската нумерација е проблем кој потекнува од далечната 1997 година, и сеуште не е успешно решен. Интернет веб страните се преполни со соломонски решенија за овој проблем. Додека вашите пријатели маки мачат со автоматска нумерација, разни стилови на параграфи и останатите секојдневни проблеми на Микрософт Ворд, вие можете мирно да уживате во друштвото на вашиот Писател. На фрустрациите им нема крај, секогаш решението лежи во одкажување од саканата цел, и прилагодување на вашите желби според софтверот кој го поседувате. За мене нервозите од овој тип одамна завршија, а можам да ви го препорачам лекот: Опен Офис. Одкако ги наброивме најинтересните способности на Отворената Канцеларија, ќе ви ја прикажам нејзината најсветла страна – Слободата. Сигурно ќе се запрашате за каква слобода говорам, и која е врската помеѓу вашиот персоналец и некоја борба за слобода. Станува збор за борбата за слободни формати на запишување на податоци, борбата за слобода на користење на апликација за која било намена, борбата за дистрибуција на копии од истата таа апликација. Опен Офис е слободна апликација со која може сосем легално да правите што сакате. Истата не е поседувана од ниедна голема компанија, што ни овозможува на нас активно да ја менуваме иднината на апликацијата која што ја користиме. Групи на корисници од целиот свет одлучуваат како ќе изгледа новата верзијата на нашата Отворена Канцеларија, ги подобруваат нејзините можности, ги одстрануваат нејзините маани. Бидете сигурни дека со користење на апликација со отворен изворен код, никогаш нема да останете на милост и немилост на некоја голема компанија која ќе ви го диктира начинот на кој што ќе го користите нивниот производ. За крај само да ве известам дека Опен Офис е целосно бесплатен и може да го превземете од веб страната htt://www.openoffice.org. Големината е проблем за најголем број на корисниците и затоа би ви препорачал да стапите во контакт со Невладината Организација Слободен Софтвер Македонија која ќе ви обезбеди копија од Опен Офис апликацијата за канцелариско работење. Доколку сакате да помогнете во развојот на Македонската Отворена Канцеларија истотака посетете ја страната на Слободен Софтвер Македонија www.slobodensoftver.org.mk. ---------------------------------------------------------- (C) Copyleft 2003 Ристе Пејов е-маил: richie АТ freemail.org.mk ---------------------------------------------------------- Сето ова тресење глупости може да се објавува и дистрибуира по било каков пат, доколку текстот остане неизменет во целост. ---------------------------------------------------------