Digital Rights Management

Испратено од Riste Pejov во 30 Март, 2003 - 18:55.
::
Колумни
Дали сте спремни за 11-тата реинкарнација на Мефистофел, или попознат како MS Office? Само што налетав на неколку слики од бета верзијата на овој софтверски пакет, и богами почна да ми чури низ ушите, а малку фалеше за да земам еден огромен транспарент и на него да напишам "Били фала, не пушиме". Причината е многу едноставна, најновата верзија започнува со користењето на еден суптилен и постепен начин на контролирање на вашите документи, е-маил пораки, бази на податоци, и што ли уште не. Основните предиспозиции што треба да ги исполнувате, за да може Микрософт да ви диктира што и како да правите со вашиот персоналец, се: да употребувате еден од нивните супериорни и безбедни оперативни системи, одличниот стабилен и сигурен веб пребарувач (Немојте ни да помислите на нешто друго освен Internet Explorer), и во улога на црешата врз шлагот Windows Rights Management Client Beta 2. Значи веќе вашиот оперативен систем е способен да одреди што е лошо за вас а што добро. Најверојатно во добрата страна спаѓа и надградбата на вашиот Windows, при што се испраќа поголема количина на информации до Микрософт за тоа како и зошто го користите вашиот персоналец. Но да ги оставиме предрасудите настрана, сега можете комотно да ги ограничувате вашите документи во начинот на користење, според корисниците. Значи новото раководење со дигиталните права на користење, веќе ќе биде вградено во вашиот оперативен систем, а во иднина најверојатно и во хардверот. Според теоремата на транзиција, доколку вие може да го ограничите начинот на користење документите со помош на DRM технологијата, тогаш автоматски следи дека Микрософт, може да го ограничи начинот на користење на самиот оперативен систем со помош на истата технологија. Значи одкако ќе го инсталирате соодветниот софтвер од Микрософт, најверојатно и нема да има потреба да се грижите дали некоја апликација содржи вирус или тројанец, затоа што самиот оперативен систем со помош на DRM технологијата ќе одреди која апликација смее да биде стартувана а која не смее. Замислете си во некоја иднина Микрософт да почне да се тужи со Корел, и наеднаш, нашиот злочест и потенцијален криминалец Windows со помош на DRM технологијата, ќе почне да му откажува послушност на CorelDraw, или некоја друга апликација. Сигурен сум дека Микрософт прво ќе удри по нелиценцираните копии на своите производи, а потоа и по останатите производители членки на Bussiness Software Alliance, но тоа не е загрижувачки бидејчи кај нас нема големо присуство на пиратски софтвер, и нема да имаме проблеми од таков вид. Секако дека најмалку проблеми ќе имаат корисниците на алтернативните оперативни системи, бидејќи нема да бидат благословени со присуството на DRM технологијата. Да не заборавиме да споменеме дека за да ги користите привилегиите на DRM технологијата ќе ви треба познатиот Microsoft Passport, кој што воедно ќе се користи за заштита на вашите документи. Ако се сеќавате на скандалозното испраќање на разни видови податоци до Микрософт при надградба на вашиот Windows, кое беше разоткриено од www.tecchannel.de можеби и ќе си помислите дека слични опции подржува и DRM технологијата. Можеби серверите на Микрософт кои ќе се користат во оваа технологија ќе можат за одредени корисници да ја побараат и самата содржина на документот. Оставам на вас да си поиграте со сниферите, и алатките за декрипција, па да му докажеме на остатокот на светот за потенцијалните добродети на DRM. Некогаш одамна, за време на студената војна се стравуваше од CIA,KGB,Mosad а денес од Микрософт. Тогаш живеевме во еден друг општествен поредок кој што не учеше дека се што е мое е наше.Гејтс сигурно научил многу од историјата па сака да ја примени истата методологија и во информатичкиот свет. Можеби слоганот за DRM кампањата на Микрософт ќе гласи "Се што е ваше е и наше", а можеби и ќе им текне да поработат малку повеќе на закрпување на дупките кои што ги носат со себе нивните производи наместо да ни ги читаат документите и е-маил пораките. Повеќе информации за оваа технологија, како и за MS Office 2003 можете да најдете www.neowin.net. ---------------------------------------------------------- (C) Copyleft 2002 Ристе Пејов е-маил: richie@freemail.org.mk ---------------------------------------------------------- Сето ова тресење глупости може да се објавува и дистрибуира по било каков пат, доколку текстот остане неизменет во целост. ---------------------------------------------------------