Дали бизнис моделот на Микрософт може против ГНУ/Линукс и сс�
Испратено од Riste Pejov во 30 Септември, 2003 - 18:51.
::

До денес, одличната бизнис стратегија на Микрософт успеа да ги победи скоро сите негови конкуренти. Но со појавата на Linux оперативниот систем и софтверот со отворен код, Микрософт не се соочува со нов конкурент, туку со целосно различен бизнис модел.
Конкурентноста е позитивна во секој бизнис. Само на тој начин клиентите добиваат поквалитетен производ и подобра услуга. Во конкретниот случај, најголема придобивка имаат клиентите на Микрософт. Самиот Микрософт од страв дека ќе ги изгуби сегашните клиенти мора да посвети повеќе внимание на квалитетот на своите производи како и на услугата што ја нуди. Стандардна пракса во Микрософт е да се учи бизнис праксата на своите конкуренти, и со помали адаптации да ги прифаќа како свои. Се надевам дека ова беше доволно милозвучно затоа што вистинскиот израз би бил „крадење“ наместо прифаќање. Крајниот резултат е одличен за сите освен за конкурентите на Микрософт. Придобивките се секако големи и за клиентите на МС кои добиваат нови производи, како и за клиентите на конкуренцијата, која мора да вложи многу за да ги задржи.
Во некои случаи Микрософт ќе добие по некоја тужба за нелојална конкуренција, или заради кршење на некои анти-монополски закони, но на крајот клиентите на конкурентите преминуваат кај гигантот од Редмонд, и ситуацијата полека се заборава. Накратко, во неколку наврати бевме сведоци на овакви ситациии. Прво беше борбата на полето на мали и средни сервери против Novell и IBM, со што клиентите на Микрософт се здобија со WindowsNT фамилијата на оперативни системи. Потоа се појави ладната војна против Borland, каде што безсрамно им беа понудени на главните инженери огромни суми за да преминат во Микрософт. Во 1997 година 15-тина инжинери од Борланд преминаа во Микрософт, меѓу кои беше и таткото на Delphi развојните алатки што на крај резултираше со огромна сличност помеѓу еден од идните проекти на Борланд и хитот на денешницата .NET развојната платформа. Во тоа време на интернет можевте да прочитате како луѓе од Микрософт ги ловеле Борландовите инжинери по паркинзите на матичната компанија со понуди од кои ќе ви боли глава. Трет позначаен момент беше војната на веб прелистувачите помеѓу тогаш бедниот Internet Explorer и легендарниот Netscape Navigator. Микрософт се бранеше со лагите дека Internet Explorer е тесно интегриран во оперативниот систем и не може да се одстрани без да се оштети Windows. Netscape го изгуби својот дел од пазарот и на крај беше купен од AOL.
Уште еден дел од бизнис стратегијата на Микрософт е понудата на огромни попусти и пакети од повеќе софтверски производи за да ги привлече клиентит на конкуренцијата. Третиот дел од Микрософтовата бизнис стратегија е уценувањето на производителите на сметачки системи да престанат со подржувањето на конкурентните производи, со што ќе добијат уште поголеми попусти. Сега ви е сигурно јасно зошто Бил Гејтс е мразен од страна на многу личности. Целта да се уништи конкуренцијата се постигнува многу лесно. Клиентите преоѓаат кај Микрософт, прозводителите на готови системи не ги нудат конкурентските производи во своите палети на производи и Микрософт излегува како единствен победник на пазарот.
Се беше така светло за Микрософт се до појавата на Линукс и отворениот код. Главниот проблем лежи во тоа што Микрософт нема конкурентна компанија. Конкуренција претставува целиот свет. Linux и остатанатиот софтвер со отворен код не е производ на една компанија, туку на милиони програмери од целиот свет, кои работат во мали компании што остваруваат профит од прилагодување и одржување на цели системи, или пак продажба на хардвер кои е соодветен за GNU/Linux системите. Овие компании не се од рангот на Микрософт и не заработуваат ни еден милионит дел од она што го добива Микрософт. Но сепак работат на унапредувањето на GNU/Linux оперативниот систем и останатиот софтвер со отворен код. Сите тие произведуваат софтвер кој го разменуваат меѓу себе го надградуваат и соработуваат во неговото унапредување. Од друга страна голем дел од производите со отворен код се изработени од групи на волонтери кои работат во своето слободно време. Микрософт нема вистинска конкуренција која треба да ја уништи, затоа што нема на кого да му ги скрати приходите или да натера банкрот, поради тоа што сите тие мали компании и волонтери немаат голем пазар од кој заработуваат.
Микрософт не може да се натпреварува со GNU/Linux на полето на цената. Linux и останатиот софтвер со отворен код нема цена на лиценците. Според некои истражувања финансирани од страна на Микрософт се покажува дека неговите производи се поефтини на долги патеки наспроти GNU/Linux и отворениот код. Други истражувања го покажуваат спротивното. Разликата е што едните истражувања се финансирани од страна на голема компанија, а другите најчесто се изработени за да се покаже колку пари се влеваат во џебовите на Микрософт. Вие сами треба да одлучите кои од овие две истражувања се навистина објективни. Само споредете ги луѓето кои лобираат за да купите Микрософт производи, наспроти луѓето кои лобираат за употреба на GNU/Linux. Оние кои го фалат Микрософт најчесто заработуваат на тој начин и не се ништо друго туку обични рекламни агенти. Оние пак кои лобираат за употреба на GNU/Linux најчесто се ентузијасти, студенти, луѓе кои не можат да профитираат директно од тоа што некој ќе избере GNU/Linux или Windows.
Доколку во овојт текст се обидев да ја оправдам цената на користење на Микрософтови производи во една мала или средна компанија можеби ќе добиев на поклон лап-топ од некој далечен роднина од Америка. Еден од главните луѓе во Микрософт, Мартин Тејлор, најавува нов план за борба против GNU/Linux и отворениот код. Новиот лиценцен систем на Микрософт ќе вклучи сегментирање на пазарот и на софтверските производи за мали, средни и големи компании, ќе донесе многу подобрувања во компјутерската безбедност и уште многу други подобрувања. Благодарејќи на GNU/Linux и отворениот код, Микрософтовите клиенти ќе добијат подобри цени и ќе добијат поголема сигурност која досега беше главна причина за преминување на GNU/Linux.
Можеби GNU/Linux е супериорен на полето на електронска безбедност или пак на полето на чинењето, но сепак Микрософт има една многу голема предност: Маркетинг. Луѓето кои лобираат за отворен код и GNU/Linux најчесто не се толку елоквентни и слаткоречиви во споредба со оние кои продаваат сопственички производи. Само споредето го слоганот „Слободно како слобода, а не како бесплатно пиво“ со Микрософтовите рекламни кампањи и се ќе ви стане јасно.
Слободниот софтвер во последните години беше нарекуван „рак“, „вирус“, „не-американски“ (можеби ова не делува на нас, но во САД, има ефект) и како ли уште не. Микрософт посебно посветен на својот маркетинг, од појавата на Linux и слободниот софтвер па наваму. Еден типичен заклучок од анализа објавена на CNET вели вака: „GNU/Linux е единствената пречка Микрософт да се стекне со доминантна положба во полето на серверскиот пазар на оперативни системи“. Микрософтовиот маркетинг систем си има свој назив – FUD ( во превод Страв - Fear, Несигурност – Uncertainty и Сомневање – Doubt). Целта е потенцијалните корисници на GNU/Linux да се стекнат со мислење дека GNU/Linux е несигурен, нема подршка, дека е стихијно развиен и слични други изјави, кои треба да ги привлечат клиентите кон Windows XP наместо GNU/Linux. Во светов моментално е актуелна тужбата од страна на SCO наспроти IBM за нелегално вградени делови од UNIX оперативниот систем (чија интелектуална сопственост припаѓа на SCO) во Linux. За неупатените, SCO e компанијата која го превзема Микрософтовиот UNIX бизнис кон крајот на осумдесетите. Секако дека сите сме свесни за инвестицијата од 86 милиони долари од страна на Микрософт во SCO. И по некоја коинциденција баш SCO ги тужи сите компании кои се темелат на бизнис со Linux. На сите ни е јасно дека тужбата е неосновата, и дека на крај SCO ќе претрпи толку голема штета што ќе биде купен од страна на друга компанија. Микрософт свесно ќе ја изгуби својата инвестиција во SCO! Размислувањето дека мора да има правна основа во тужбата на SCO и дека се гледа крајот на GNU/Linux е дефинитивно првата помисла, но сепак јас не го делам истото мислење.
Идејата на тужбата против Linux од страна на SCO е ширење на типичен FUD, со што ќе се извалка самиот поим Linux и ќе биде поврзан со поимите за нерасчистени интелектуални права врз UNIX системот. Секое делче кое подлегнува на овие интелектуални права може да биде одстрането за неколку часа, само во случај ако SCO јавно истакне кои делови од интелектуалната сопственост се повредени. Крајот на овој FUD се гледа, но што станува со инвестицијата на Микрософт од 86 милиони? Дали мислите дека ќе се помири да изгуби толку пари? Микрософт не губи апсолутно ништо. Инвестицијата од 86 милиони за Микрософт не е инвестиција во SCO туку инвестиција во негативен маркетинг за своите конкуренти. Проблемот на Микрософт е во тоа што WindowsXP не донесе нешто драматично подобро од Windows 2000 додека Windows Server 2003 и не помина баш најславно. Микрософт нема нов софтверски производ на полето на оперативните системи со кој ќе ги задржи своите клиенти. Longhorn верзијата ќе пристигне на крајот на 2005-тата заедно со следната верзија на SQL Server. До тогаш, Микрософт ќе изгуби голем број клиенти, доколку нешто не ги спречи компаниите да мигрираат под GNU/Linux. Тука во игра влегува SCO кој своите тужби ќе ги одолговлекува колку што може повеќе, а Микрософт очекува да си ги наплати своите 86 милиони преку лиценците за новите верзии на Windows, SQL Server и Microsoft Office.
Бидејќи Микрософт не најде начин да научи од бизнис моделот на отворениот код и слободниот софтвер, овој чекор беше неминовен. Самата лиценца на отворениот код е направена на тој начин што ги штити правата на програмерите. Секој код што е објавен како отворен мора да остане отворен, а со тоа и бесплатен. Оваа стратегија не може биде прифатена од Микрософт нити победена. Единствено ширењето на негативен маркетинг за конкуренцијата е последната шанса на Микрософт. Микрософт никогаш нема да биде поразен од GNU/Linux или отворениот код. Микрософт ќе остане доминантен, но да очекуваме барем поголема понуда на квалитетен софтвер и одлична подршка, без разлика дали ќе биде отворен или сопственички. Се што треба да посакаме е подобра конкуренција за Микрософт во иднина.
Монополот не е добра работа, дури ни ако е во наши раце.
----------------------------------------------------------
(C) Copyleft 2002 Ристе Пејов
е-маил: richie_AT_freemail.org.mk
----------------------------------------------------------
Сето ова тресење глупости може да се објавува и
дистрибуира по било каков пат, доколку текстот
остане неизменет во целост.
----------------------------------------------------------
- Најавете се за да испраќате коментари





