Расподажба во Микрософт, попуст до 90%

Испратено од Riste Pejov во 30 Ноември, 2002 - 18:46.
::
Колумни
Новата стратегија на Микрософт им наложува на своите препродавачи во случај на присуство на Линукс, веднаш да се јават за специјален попуст. А доколку се работи за некој тврдокорен менаџер, може и гратис. Доколку сеуште добро ве служи памтењето, а богами и големината на вашиот буџет за Информатичка технологија, тогаш мала е веројатноста дека сте заборавиле на лиценцната програма што Микрософт ни ја претстави ова лето. Со оваа нова лиценцна програма Микрософт успеа да ги покачи цените на лиценците за своите софтверски производи од 33 до 107 проценти. На оние што веќе имаат заглавено со секојдневно закрпување на Windows и IIS бидејќи и самите незнаат колку многу закрпи имаат применето, не им беше исплатливо сето тоа закрпување да го фрлат во вода и да преминат на Слободен софтвер, туку едноставно ја проголтаа новата политика на севишниот Микрософт, мрморејќи во своите канцеларии. Во секој случај, големите корпорации и не смеат да си дозволат да ја менуваат целата ИТ структура секој втор ден, така што решија да ќутат и да продолжат со крпење на cutting-edge производите на Били. И самиот Гејтс сигурно стигнал до заклучокот дека банките, адвокатите, брокерите и корпорациите со слична структура, заработуваат премногу благодарение на неговите "супериорни" софтверски производи, па реши да ги крене цените. А можеби и му требала некоја милијарда во резерва, за борбата против ХИВ вирусот. Како и да е, знаете дека секогаш кога постојат несогласувања помеѓу големите, малиот човек го јаде стапот. Во овој случај се работи за помалите фирми, кои најверојатно и неможат да си дозволат таков луксуз, па се одлучуваат за Linux. И сега наеднаш, одкако голем дел од нив почнаа да работат со Слободен Софтвер, Микрософт се обидува да ги разубеди да не користат други ИТ решенија освен неговите. Претставниците на MS се трудат по секоја цена да ги разубедат директорите на ИТ секторите во секоја корпорација да продолжат да ги користат нивните супериорни производи, а кога ќе се спомне дека се работи за проблеми со цената, тогаш веднаш се добиваат огромни попусти, кои што стандардно се движат околу 50 проценти од цената, па се до бесплатни копии од кој било софтвер. За малку подобро да ви ја илустрирам ситуацијата, ќе ве натерам да скокнете до www.theregister.co.uk и да читнете една интересна сторија. Секако дека ќе слушнете аргументи дека новата лиценцна програма ви обезбедува надградби и слични привилегии, што пртставува само обид да ги натераат компаниите долгорочно да се врзат за Микрософт. Од друга страна, е смешно да плаќаш за некој да ги поправи пропустите што сам ги направил, но очигледно дека некои компании не размислуваат така. Доколку сте клучен човек во одлучувањето на изборот на технологија во вашата компанија тогаш најверојатно и дека ќе имате голем притисок од претставниците на Микрософт да се одлучите за нивните производи, а ако глумите хард кор Линукс корисник, тогаш и ќе ги добиете бесплатно. Во нашава крајно корумпирана држава голема е веројатноста и дека некој ќе се обиде да ви ја заслади понудата со персонални поволности. И ете како што ни владее корупцијава, единствено нешто што ни останува е да и објасниме на младинава дека тоа е лошо и дека целта не се парите, нити пак цената на софтверот на Микрософт, туку слободата на информациите. Слободата да правите што сакате со вашата ИТ инфраструктура и да не зависите од милоста на MS. Со оглед на бројот на закрпи кои секојдневно излегуваат за сите можни windows апликации, најверојатно и во иднина ќе постои работно место "крпач на IIS","крпач на Internet Explorer" или пак "крпач на WindowsXP" а за да ја добиете работата ќе треба да поседувате сертификат за стручност кој ќе се вика Microsoft Certified Patcher. И на крај, сепак стигнавме до поентата дека голем дел од малите и средни компании на широко го прифатија Линукс оперативниот систем како солидна алтернатива за своите windows сервери. Од друга страна пак, LindowsOS се очекува да покаже добри резултати на десктоп пазарот поради веќе готовите и ефтини компјутерски конфигурации од WallMart. Можеби немаме WallMart во Македонија, но сепак имаме RedHat 8.0 кој претставува крајно стабилна, а богами и убава дистрибуција за десктоп, како и за корпорациските корисници. Сите овие горенаведени причини го натераа MS да започне политика на намалување на цените, што можеби е и само озборување, но сепак погледнете. ---------------------------------------------------------- (C) Copyleft 2002 Ристе Пејов е-маил: richie@freemail.org.mk ---------------------------------------------------------- Сето ова тресење глупости може да се објавува и дистрибуира по било каков пат, доколку текстот остане неизменет во целост. ---------------------------------------------------------