Визија, дали микрософт воопшто ја има?

Вчера се отвори овогодишната конференција Визија, организирана од Microsoft. Сега секако ќе прашате, каква врска има оваа вест со Linux заедницата кај нас. Па и не би требало да се замарам со работењето на една компанија, и начинот на кој она остварува профит, се рекламира и сл. но тоа секако дека важи само доколку таа компанија не влијае директно со нејзините активности на квалитетот на мојот живот.
Да почнам од почеток, таму се појавив чисто добро намерно, со цел да дознаам што се новите случувања во светот на Microsoft, да ја слушнам нивната перспектива за актуелностите поврзани со нашата држава, и да се обидам да осетам какви им се натамошните планови, бидејќи да бидеме реални (колку и да не сакаме тоа да го признаеме како сурова реалност) многу работи во македонската IT индустрија зависат и уште повеќе во блиска иднина ќе зависат директно или индиректно од идеите за развој на Microsoft. И така си го сместив г`зот во тврдата столица на најгорниот ред во универзалната сала, се свртив према бината, и обидувајќи се да гледам низ рефлекторите и конструкцијата над бината, во малата говорница чекав да се појави првиот говорник. И се си започна така гламурозно и убаво, како што и би можело да се очекува од една компанија од таков ранг. Почна гласноговорникот да кажува вицови, да ги претставува своите први гости во својата „дневна соба“ и глеј, се појавува Ребека. Не дека имам нешто против девојчето, напротив баш е пријатна гледка, но каква врска има она со збиднувањата во ИТ индустријата.... добро подоцна ми стана малку појасно, си направила она некое мултимедијално ЦД, па тоа е врв на достигнувањата на ИТ во музичката индустрија во Македонија, нормално е дека мора да се појави, си направија малку муабет си поприкажаа, и дојде времето за вториот гостин.
Државен службеник или полтрон
Е тука лежеше вистинското изненадување. Вториот гостин беше Господинот Јани Макрадули (поздрав професоре) претседател на Комисијата за Информатичка Технологија, но некако ја добив впечаток како тој да е вработен во Microsoft (незнам зошто, можеби бидејќи така некако го претставија, а и говорот му беше некако насочен натаму: ние работевме заедно да го постигнеме ова, да го постигнеме она, многу сум среќен што јас го донесов Microsoft во македонија и сл...). Абе небаре како да ни се претставува народен херој, кој што ја сам со свои раце ја извадил нашава ни државичка од пет вековното турско ни ропство. Добро си реков, ај некако ќе пројдам и преку ова, очигледно беше дека некој друг му ја направил презентацијата (или барем јас најискрено се надевам дека беше така, бидејќи за мене не е разбирливо еден државен службеник кој има големо влијание во донесувањето на клучните одлуки во секојдневното функционирање на државава и претставник на државна комисија да има толку пристрасен став, и „Визија“ за тоа како македонија неможе да успее без подршката од еден монопол како што е Microsoft), па и на крај краева ова не беше јавен телевизиски настап него настап пред избрана публика на конференција која си ја организира горе наведената фирма.
И таман кога решив дека преку ова можам некако да поминам, и некако да не си дозволам да ме изнеривра арогантноста и очигледната заблуденост на експертот за ИТ технологија (кој ако до сега не сте знаеле, почнал да работи уште на спектрум и од тогаш е заљубеник во компјутерите, а кога се запишал на факултет излегла првата верзија на графичкото опкружување на Windows па тоа можеби е некаков предзнак дека он ќе бил одговорен за катастрофата што не чека) почнаа да се редат новите гости. Се претставија претседателите на сите регионални канцеларии на Microsoft на балканот (сите до еден меѓу себе се ословуваа со Country Manager – Macedonia, Country Manager – Bulgaria) и сл. Се појавуваа, се поклонуваа, некој кажуваше по неколку збора, се качи една тетка од HP како долгогодишен партнер на Microsoft и држеше некој небитен говор за тоа како HP продавал производи базирани на Microsoft решенија низ целиот свет, чисто онака маркетиншки и економски, што секако беше добрата страна на целата конференција, си ја гледаат својата работа, си ја рекламираат својата фирма, баш нешто што се очекува од ваков тип на настани. Се претстави господинот Илијанчо Гаговски, си кажа по нешто за својата нова канцеларија, се си течеше во најнормален ред и како што треба, си ги изнесуваа своите „визии“ за иднината, за тоа како се ќе биде розево пошто си легнавме во ист кревет со уште еден монопол ....бла...бла..бла. Мислам не дека се слагам со тоа што беше изнесено од говорницата, но секако секој си има право на свое мислење и „визија“ (фак, изгледа зборов сеуште ми зуи во ушите од толку честото слушање) и сосема прилегаше на еден таков настан.
Главниот говор и партнерството
Е сега дојде правото изненадување за мене, и единствената доволно јака причина која ме натера да седнам и да го пишувам текстов (секако покрај бламажата на мојот ценет професор од деновите на студирњето во ЕТФ). На бината се качи претставникот и генералниот директор на канцеларијата на Microsoft во Србија и Црна гора, или они како што популарно си се нарекоа меѓу себе Country Manager for Serbia and Montenegro. Ок, ај да не забегувам со сите детали што ме изнервираа (и сеуште ме нервираат), ќе почнам вака:
Од говорот слушнавме дека господинот Илијанчо ќе има полни раце работа бидејќи скоро никој во салата не знаеше што е тоа наречено дот.нет (или барем не мрзеше да креваме раце). Епа јас би рекол дека микрософт во Србија ќе има полни раце работа се додека не се најде некој менаџер кој ги разбира термините во ИТ индустријата.
Целиот говор (всушност целата конференција) беше концентриран на новата маркетингшка финта – партнерство, и на „новата технологија“ смислена од момците во Редмонд наречена „web сервиси“. Од сега Микрософт не продава софтвер, он ви станува стратегиски партнер, па покрај лиценците за софтверот ќе ви помогне и да ве научи како да го користите, ќе ви дава економски совети како да станете по-продуктивни, што би се рекло ќе проба да би се меша ве секој аспект на вашето деловно работење, и секако сето тоа пошто ептен многу ве сака, бидејќи сте му многу симпатични и сака да ве задржи како партнери (ма ајде ти се молам, не пијам јас нафта, мотај некој друг). Затоа и микрософт на државава наша напатена не ни продал само лиценци, него склучил договор за партнерство, на граѓаните пред да заврши процесот на легализација (пошто сега се е легално), не им продал само лиценци него ги натерал своите партнери (фирми кои го продаваат правото на користење на нивниот софтвер) да склучуваат долгорочни стратегиски партнерства со правните и физичките субјекти во државава, за да може да им се најдат и за нешто друго освен за лиценцата, па сепак се што сака Microsoft е само да ни помогне економијата да ни процвета. Јас велам, ќе видиме колку е успешно тоа партнерство по 3 години кога нашиве фирмички ќе се чуваат заебано од своите „партнери“, ама ај нека биде, сега партнерството започна.
Слободниот софтвер како комунизам во ИТ индустријата
Една работа која ептен многу ме изненади од целиот говор (на почетокот позитивно) е тоа што дотичниот господин (извинете што не се потрудив да му го запомнам името, ама тоа не ме тангира) во својот говор му даде значително место на слободниот софтвер. Добар дел од времето кое го помина на говорница го потроши објаснувајќи што всушност е софтвер со отворен изворен код и што се отворени стандарди, и што е тоа комерцијален софтвер. Добро, убавата работа беше тоа што официјален претставник на микрософт збори за слободен софтвер, конкретно за „другиот оперативен систем“, што за мене значеше дека микрософт почнал сериозно да ги сваќа најавите за Linux на десктоп, и почнал да сваќа дека на тој пазар ќе има жестока конкуренција. Кога ќе се земе во обзир дека токму тој пазар е пазарот кој му овозможува таква доминација во ИТ индустријата, каква што имаат и им осигурува монопол на светско ниво, стварно ми е мило што се освестија на време и почнаа да ја гледаат конкуренцијата, што значи дека ќе почнат посериозно да ги третираат „партнерите“ во овој сегмент и се надевам ќе почнат да ги адресираат проблемите кои ги има нивниот софтвер, и како краен резултат ќе имаме конкуренција која ќе резултира со зголемување на квалитетот на софтверот кој ние граѓаните ќе го користиме (без обзир за што ќе се одлучиме).
Од друга страна, овој дел од говорот беше и причината што ме натера да го пишувам овој текст. Овој момент би сакал да го искористам и да го поздравам гласноговорникот-несудениот ни нов Бата Живоинович со зборовите „евтините амерички финти кај нас не палат“, ако на англиски зборот free има двојно значење, ние на балканот имаме два различни збора кои ги објаснуваат значењата на free, и тие се „слободен“ и „бесплатен“. Значи, најискрено се надевам дека овој дел од говорот ви беше добро наштелувана маркетинг финта, бидејќи ако стварно еден регионален директор на Microsoft e толку неинформиран, за својата конкуренција, тогаш јас во мојата визија ви гледам црна иднина (нешто што стварно не сакам да ви се случи, сепак конкуренцијата е добра, без обзир колку е нелојална и монополистички расположена). Значи вашите дефиниции за тоа што е оперативниот систем (кернелот) и дека само тој е слободен, стварно се без врска, или во ваш жаргон визијата не ви чини. Се слагам дека кога се носи одлука за тоа кaкво решение ни е потребно (пичнуваќи од хардвер, па преку софтверот) треба да се гледа целото решение а не само оперативниот систем. И стварно ми е многу драго што тоа Вие така го кажавте, бидејќи стварно ме интересира колку е цената не едно такво целосно Microsoft решение за фирма со 90-тина вработени. И дали во таа цена ги калкулирате сите потребни софтверски пакети и цената на трошоците за секојдневно одржување, и крпење на Вашите грешки во кодот кој е ваша толку ценета интелектуална сопственост. Дали во говорот намерно или ненамерно ги игнориравте фактите дека постојат огромен број на комплетни решенија базирани на софтвер со отворен изворен код/слободен софтвер, и дали сте стварно толку неинформирани да можете да изјавире дека „базата на податоци“ (која база?!?!) не е слободна/бесплатна доколку сакате трансакции.... па побогу човече, барем вие како извршен директор би тебале да бидете барем малку информирани дека под Linux постојат мал милион на различни бази на податоци и дека повеќето од нив се со отворен изворен код и се слободен софтвер (па добар дел од нив постојат и во верзии за вашиот оперативен систем). Добро ај да не замарам со многу детали кои беа изнесени околу дефинирањето на слободниот софтвер, едноставно ќе кажам дека стварно ме изненади неинформираноста на еден извршен директор во една компанија која самата себе се нарекува лидер во информационите технологии. Не сметам дека е достојно да се даде одговор на коментарот на говорникот на делот од говорот каде што алудираше на фактот дека самиот процес на развојот на слободниот софтвер се базира на комунизам, па затоа решив и овој факт да му го одбијам на неинформираност.
САМО Комерцијалниот софтвер генерира профит
Потоа следеше дефинирањето на отворените стандарди, кое горе доле беше во ред. И дојде на ред дефиницијата за комерцијален софтвер. Ќе се обидам да ја парафразирам истата, бидејќи немав можност да ја запишам или да ја снимам некако. „Microsoft e компанија која произведува комерцијален софтвер. Комерцијален софтвер е софтвер кој е интелектуална сопственост на фирмата која го произвела и тој чини пари. Се продава или самиот софтвер или правото на неговото користење. Комерцијалниот софтвер е исто така софтвер кој генерира профит на неговите корисници, поради тоа и е комерцијален. Секој друг софтвер кој што не е комерцијален, како слободниот софтвер кој е сосема легитимен и се создава на доброволна база, не генерира профит„. Епа јас се слагам со првиот дел од дефиницијата, но вториот дел е или добро смислена измама или знак на тотална ретардираност. Како може еден директор целосно да ја игнорира конкуренцијата и да каже дека се што му е конкурентен производ не постои. Со оваа изјава, човекот едноставно кажа дека од слободниот софтвер не може да се генрира профит. Епа господин директоре, вие неможете да видите ништо што е на 2 метра пред вас, а камоли да имате неаква Визија. Ако не сте свесни за конкуренцијата која што ја имате во една фирма како Suse која поплека но сигурно ве уништува на Германскиот пазар, или за конкуренцијата која ја имате во фирми како RedHat и Mandrake кои се бават со истата дејност како и вие, со таа разлика што профитираат од слободен софтвер, и ако не можете да ги видите големиот број на фирми како што е Oracle кои во своето користење и како средство за стигнување до својот профит користат слободен софтвер, тогаш вие дефинитивно живиеете во еден чуден свет каде што розевите слонови играат и пеат.
Микрософт и отворени стандарди
Потоа гласноговорнкот почна да се фали како софтверските решенија на неговата компанија целосно користат отворени стандарди и овозможуваат лесна интероперабилност помеѓу нивните и решенијата на другите компании. Е во овој момент почнав да се чувствувам како идиот. Таму на говорницата стои убаво дотеран човек во скапо одело, исчешлан и среден, навидум делува дека ја познава темата која ја обработува и ми држи говор во кој ми кажува дека јас всушност за џабе сум се замарал и сум се нервирал дека неможам на мојот компјутер да отворам документ искуцан во Microsoft Word, и ми кажува дека момците од OpenOffice.org џбе поминуваат толку многу време трудејќи се да направат backtrack на форматот на овие документи за да можат да ги вчитуваат и креираат во нивниот софтверски пакет, кога сето тоа бил некој отворен стандард, а целата заедница на слободен софтвер/софтвер со отворен изворен код незнае да прочита еден отворен стандард и да го имплементира, него мора повторно да го смислува тркалото. Или пак момците од проектот Samba толку многу се трудат да ги анализираат мрежните пораки кои ги праќа Windows Network Neigbourhood за да можат да создадат софтвер кој едноставно може да комуницира со Windows баирана мрежа, и трошат олку многу време обидувајќи се да ја извадат смислата на битовите во мрежните пакети, кога сето тоа биле отворени стандарди, а ние идиотите незнаеме да ги прочитаме.... Добро ај доста и за ова, можеби некој со главата во торба и тапи во ушите ќе поверува на вакви изјави, но мене стварно ме интересира дали говорникот верува во своите изјави.
Понатаму беше презентирана „новата технологија“ на Microsoft наречене Web Services која како основа ја има дот нет технологијата, што секако треба да биде голем хит и да овозможи нешто но Sun Mycrosystems го направија со својата Java уште пред незнам колку години, а Microsoft го извулгализра до бесвест со нивната Java Virtual Machine која секако работеше толку многу добро со отворените стандарди (овој пат стварно отворени и напишани), што развивачите на софтвер имаа тешки маки да напишат програма која работи на оригиналната јава и на јавата на Microsoft. Добро, тоа е друга проблематика, во принцип идејата за Web сервиси е секако нешто што доколку не се извулгаризира и не стане новото оружје на Microsoft за задржување на монополистичката позиција на пазарот, може да има стварно позитивни ефекти врз сите нас.
Љубов ли е ова или панаѓур
И последниот дел од конфернцијата... па .. тоа беше нешто инзворедно. Беше права љубов на бина, абе небаре господинот Макрадули и господинот Илијанчо се сретнале некаде на ирц, и сега првпат се гледаат во живо и сваќаат дека ептен многу се сакаат и не им е јасно како живееле до сега еден без друг. Нормално во целата таа романса како катализатор се најдоа новите Пенџери на Microsoft преведени на македонски. Преводот како таков нема да го коментирам, бидејќи и немав многу можност да го видам, но верувам дека со тек на време сите нелогичности кои ќе се појават ќе бидат исправени. Мене единствено ме интересираше да ги видам регионалните подесувања и како е напишано името на нашата држава, секако во глава ми е свеж и дебакалот кој го направи канцеларијата на микрософт за македонија за време на пријавувањето за оваа конференција.
Добро да не го тупам јас толку многу, сепак ова испадна малку поголем текст отколку што очекував, само за крај ќе додадам, мило ми е што заврши „легализацијата“ и што микрософт смета дека имал успешна акција, јас само ќе и кажам на нашата ни Македонска влада, Линуксот од секогаш бил легален. Еднаш не начекаа неспремни ни го собраа буџетот, сега размислувајте малку за во иднина и не дозволувајте тоа да ни се случи уште еднаш. Не дозволувајте да се раѓа ваква љубов помеѓу преговарачите додека се спрема договорот и не дозволувајте клучни одлуки за нашата иднина да се засноваат на избразни решениа кои се донесени под притисок. На крај краева цела европска унија се бори против монополот на Microsoft, и избира решенија кои и дозволуваат слобода на одлучување и слобода на развој без притоа да станат зависни од една или друга компанија. Сепак идеите на хартија и во теорија изгледаат многу поубаво отколку применети во реалност, можноста за самостојна интервенција и развој се од есенцијална важност за една држава.
----------------------------------------------------------
(C) Copyleft 2004 Николовски Дарко
----------------------------------------------------------
Сето ова тресење глупости може да се објавува и дистрибуира по било каков пат, доколку текстот
остане неизменет во целост.
----------------------------------------------------------
- Најавете се за да испраќате коментари




