Зошто на Македонија и треба слободен софтвер ?

Многумина не би се сложиле со мене затоа што секој може да појде до најблиската пиратџилница каде што за 100 ден. ќе си купи Windows, Office, Photoshop, и уште многу слични програми кои може би му користеле во работењето со неговиот персонален сметач. Но кога веќе Македонија тргнала по патот на вклучување со Светската Трговска Организација, веднаш на врат ќе ни се закачат адвокатите на Микрософт, како нај оштетен од целата тековна ситуација во нашава држава. Едноставно немаме доволно капитал за да си дозволиме да купуваме софтвер кој вреди (а можеби и не) илјадници евра.
Замислете си само колку има персонални сметачи низ сите владини институции кои треба да имаат некаков оперативен систем, пакет за канцелариско работење, апликација за електронска пошта, а да не ги спомнуваме големите сервери за бази на податоци кои треба да чуваат милиони записи и да бидат функционални 365 дена во годината. Според некои мои проценки, кои што нормално можеби и не се толку реални, цената за опремување на еден персонален сметач со оперативен систем и пакет за канцелариско работење (MS Windows 2000 Professional + MS Office 2000 Professional) би била околу 1000 евра. Да да, добро прочитавте илјада евра, и тоа со апстрахирање на потребите за инцидентна обработка на слики. А замислете си само колкава инвестиција би била потребна кога би имале некоја компанија од средна големина со потреба од сервер за бази на податоци ( MS SQL Server 2000) и недајбоже развојни алатки за истите (MS Visual Studio)
Еве како еден прост пример, да земеме едно средно училиште, со 15 персонални сметачи. Замислете си што се треба да имаат во тоа средно училиште учениците за да учат информатика. Па најверојатно покрај оперативен систем ќе им треба пакет за канцелариско работење, како и по некоја развојна алатка (јас кога учев средно учевме Turbo Pascal 7.0). Што значи од прилика цената на овие персоналци сепак би се движела околу 1000 евра + цената на хардверот. Епа ајде најдете ми едно средно училиште кое што може да си дозволи да одвои 15 000 евра за софтвер за сметачки центар ? Во случај да тоа исто училиште се одлучи да искористи некој оперативен систем со отворен изворен код, како пример некоја Линукс дистрибуција (RedHat Линукс 8.0), кој со себе си носи и клиент за електронска пошта (Evolution) како и цел пакет за канцелариско работење (Open Office), и апликација за обработка на слики (GIMP, Photoshop за Линукс), а сето тоа ќе го чини училиштето нула евра за лиценциран софтвер. Некој веднаш ќе каже дека MS Office е стандард и дека децата мора да знаат Word и Еxcel, но кога веќе не го знаат тоа, нив нема да им прави разлика дали ќе се учат на Open Office или пак на MS Office, а функционалноста и изгледот се толку слични што многумина не би можеле да направат разлика. Open Office може без никакви проблеми да ги отвори, чита, печати, менува вашите стари документи направени во MS Office. А да не ја спомнувам можноста да се користи Linux Terminal Server каде што нема потреба од тврд диск и каде што може да се редуцира потрошувачката на хардвер по работна станица на пола со самото тоа што се користи еден централен сервер на кој што се извршуваат апликациите а работните станици претставуваат само “глупи” терминали. Нормално Линуксот си има во него и Pascal преведувач (читај compiler), C++ преведувач, сервери за бази на податоци (MySQL, PostgreSQL и FireBird ) и сето тоа на продуктивно ниво, спремно дури да се користи и во поголеми компании.
Кога веќе едно училиште со толкав мал број на сметач може да ја преполови цената по сметач, тогаш замислете колкава заштеда би имала една компанија која има по 50 сметачи, сервери за веб содржина, софтвер за организација на работни единици, сервер за бази на податоци и слично. PostgreSQL серверот за бази на податоци постои многу одамна и потекнува од Berkley Универзитетот, и ги има сите можности и перформанси што ги има еден Oracle сервер. Некои од иновациите имплементирани во PostgreSQL се подоцна прифатени и од Oracle. А да не го спомнуваме InterBase (читај FireBird) серверот за бази кој што постои уште од далечната 1983, и успешно го користат милиони компании низ светот заради неговата стабилност и квалитет на изработка.
Не се ни осмелувам да спомнувам колку би се заштедило од државниот буџет кога сите владини институции би преминале на Линукс и би ги напуштиле скапите Windows сервери и работни станици. Мислам дека дојде моментот кога Линуксот стана доволно зрел на полето на работните станици и дека слободно може да го замени NT4 или Windows 2000. Со појавата на Open Office Линуксот се здоби со доволно квалитетен пакет за канцелариско работење. Па можеби и да не се одлучат поголемите компании да преминат на Линукс сигурно добра алтернатива би било да го сметан пакетот за канцелариско работење MS Office кој што чини околу 500 евра по сметач. Open Office работи одлично и под Микрософтовите оперативни системи, и претставува директна конкуренција за MS Office во поглед на квалитет и можности (и ги нема досадните помошници што ги MS Office).
Секако на пат е и Македонска локализација на Линукс оперативниот систем и пакетот за канцелариско работење со што ќе добиете цел систем на Македонски, што сигурно нема да го видите од Микрософт во следните 10 години.
Доколку на поголемите компании им требаат развојни алатки за интерни програми и пристап до серверите за бази на податоци во секое време ги имате GTK+, KDevelop, Kylix и уште многу други. Kylix претставува најбезболна варијанта за брз развој на апликации, што е и единствената апликација за која ќе треба да потрошите некое евро. Во секој случај е поекономична од Visual Studio, а подржува лесен пристап до Oracle, IBM DB2, Informix, PostgreSQL, MySQL, InterBase / FireBird.
Може да заклучиме дека Линукс е правиот пат до создавање на стабилна сметачка мрежа, која никогаш нема да биде нападната од некој вирус (веројатно знаете дека Линуксот не го мачат вируси, ниту пак Evolution клиентет за електронска пошта), ниту пак може така лесно некое дете од соседството да и пристaпи преку интернет и да прави секакви глупости.
----------------------------------------------------------
(C) Copyleft 2002 Riste Pejov
е-маил: richie@freemail.org.mk
----------------------------------------------------------
Сето ова тресење глупости може да се објавува и
дистрибуира по било каков пат, доколку текстот
остане неизменет во целост.
----------------------------------------------------------
- Најавете се за да испраќате коментари




